Надал е песимист: Тенисот ќе се врати последен

Рафаел Надал не очекува брзо враќање на тенисот кој како и другите спортови е во комплетен застој поради кризата со коронавирусот. Тој смета дека „ќе биде многу тешко“ тенис да се игра во догледно време со оглед на тешкотиите и ризиците кои ги носи организацијата на турнирите.

„Мислам дека тренинзите не би биле проблем, но турнирите, многу тешко. Што се однесува до натпреварувачкиот дел, тенисот е најкомпликуван спорт. Во ред е тоа што би се играло без присуство на публика иако тоа не го сакаме, но не гледам како би можело да се организираме. Треба да се патува секоја недела во различни земји, тенисерите и нивните тимови од разни краеви на светот, во организацијата се вклучени многу луѓе. Се надевам само дека во прашање ќе бидат месеци, а не години“ – вели Надал.

Тенисот е во прекин од почетокот на март, откажани се сите турнири на земја и на трева, нема воопшто да се одржи Вимблдон, а Ролан Гарос е презакажан за на есен по евентуалното одржување на УС Опен. АТП и ВТА ги замрзнаа рејтинг листите. Се очекува двете организации да донесат одлуки околу евентуалниот старт на натпреварувањата.

 

 

 

Се вчитува...