Објавени 11-те финалисти за “The Best”, еден е апсолутен фаворит

ФИФА денеска ја објави листата од 11 финалисти за наградата „The Best” што традиционално се доделува на најдобриот светски фудбалер. И покрај тоа што во текот на 2020 година имаше повеќемесечна пауза поради коронавирусот, светската куќа на фудбалот реши да не го укине големото признание.

„Листата од 11 фудбалери за „The Best” наградата за 2020, базирана на нивните настапи и остварувања во периодот од 20 јули 2018 до 7 октомври 2020 година, беше избрана од комисија на фудбалски експерти. Во гласањето за победник поденакво ќе учествуваат фудбалските фанови, новинари, селектори и капитени на репрезентациите ширум светот. Скратената листа од три финалисти ќе биде подоцна објавена, а имињата на добитниците ќе бидат обелоденети на церемонијата во Цирих на 17 декември“, објави ФИФА на официјалната веб-страница.

Роберт Левандовски е апсолутен фаворит за добивање на наградата што би било негово прво вакво индивидуално признание во кариерата. Полјакот беше најзаслужен за европската круна на Баерн, имаше зад себе одлична сезона и има убедливо најголеми шанси да стигне до големото признание. Десетте ривали на Левандовски во оваа трка се: Тијаго Алкантара, Мохамед Салах, Садио Мане, Серхио Рамос, Кевин де Бруине, Кристијано Роналдо, Лионел Меси, Нејмар, Килијан Мбапе и Вирџил ван Дајк.

Во трка за наградата „Тренер на годината“ се наоѓаат Марсело Биелса, Ханс-Дитер Флик, Јирген Клоп, Зинедин Зидан и Хулен Лопетеги.

Се вчитува...