Ракометната Федерација на Македонија со специјални благодарници го одбележа најновиот подвиг на нашата судиска двојка Ѓорѓи Начевски – Славе Николов, која беше задолжена за делење на ракометната правда на големото финале од Олимписките Игри. Покрај благодарниците, Начевски и Николов ќе добијат и парична награда од по една илјада евра.а
„Високо почитувани во светските ракометни кругови, македонските ракометните судии и делегати претставуваат посебна додадена вредност на македонскиот ракомет. Нивната постојана вклученост во врвот на меѓународните натпреварувања е доказ за квалитетот кој оваа фела го поседува а „Ракометната Федерација на Македонија“ настојува континуирано да ја подржува и унапредува нивната работа“, порачуваат од РФМ.
Претседателот Живко Мукаетов уште еднаш ги пофали двајцата врвни арбитри како супер-амбасадори на македонскиот спорт.
„За нас како Федерација беше особена чест што довербата за делењето правда на финалниот ракометен меч на ЛОИ во Токио беше доделена токму на македонските судии Начевски и Николов, кои со предизвикот се износеа достоинствено и максимално професионално. Како вистински супер-амбасадори на македонскиот спорт, на неколку наврати на големите ракометни арени, овој судиски пар ја покажа и докажа својата експертиза, заради што ние како матична федерација одлучивме симболично да им се заблагодариме. Јас лично, искрено им посакувам нивната успешна приказна да продолжи“ – изјави Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.
Елитниот македонски судиски пар Ѓорѓи Начевски и Славе Николов години наназад се дел од повеќе Европски и Светски првенства:Светско првенство Шведска (2011), Европско првенство Србија (2012),Олимпијада Велика Британија – Лондон (2012), Светско Првенство Шпанија (2013), Европско првенство во Данска (2014), Светско првенство во Катар – 1/4 финале (2015), Европско првенство во Полска – меч за 3 место (2016), Олимписки квалификации во Полска (2016),Олимпијада Бразил- Рио (2016), Светско првенство во Франција (2017), Европско првенство во Хрватска (2018), Светско првенство во Германија и Данска (2019), Европско првенство во Австрија, Шведска и Норвешка – Финале (2020),Светско првенство Египет 1/4 финале (2021) и неодамнешното Олимписко финале во Токио. На клупски план, овој судиски пар судеше Финале на Ф4 во ЕХФ Куп како и три полуфинални натпревари во Лигата на шампиони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА