Матлиески: Алкалоид е фаворит, но и Голден Арт има свои адути

Претпоследното коло од регуларниот дел во првата македонска ракометна лига го носи натпреварот кој ќе одлучи кој тим ќе заврши на лидерската позиција после регуларниот тек од првенството. Домаќинот Голден Арт го пречекува големиот ривал, ракометниот клуб Алкалоид, во С.Ц „Јане Сандански“. По досегашните 16 кола двата тима се на врвот на табелата, каде што лидер е гостинот со три бодови предност. Првиот меѓусебен дуел заврши нерешено.

Тренерот на Голден Арт Никола Матлиески вели дека иако Алкалоид е фаворит, сепак и неговиот тим има свои адути.

„РК Алкалоид е исклучително квалитетна екипа составена од голем број играчи од националните селекции, екипа која подолго време работи заедно во ист состав, има квалитетни поединци и нормално е дека фаворитската улога е на нивна страна. Голден Арт има свои адути и амбиции и ќе се потрудиме да останат фаворити само на хартија. Моите играчи поседуваат квалитет и даваат максимум на тренинзите, верувам дека резултатот од нашата работа ќе се покаже на терен. Со тимска работа и дисциплина во реализација на договореното, очекувам позитивен резултат и победа која исклучително многу би ни значела за понатамошниот тек на првенството“, изјави Матлиески.

Натпреварот помеѓу Голден Арт и Алкалоид ќе се одигра во четврток со почеток во 19.30 часот, во С.Ц „Јане Сандански“.

Се вчитува...