Младеновска по потписот: Пресреќна сум, во Франција ќе се развијам во уште подобра ракометарка

Најталентираната македонска ракометарка, Ива Младеновска, донесе значајна одлука за кариерата, на 16 години селејќи се во Франција по прифатената понуда за соработка со Брест Бретањ.

За услугите на одличната ракометарка на Металург, која блеска од најрана возраст на сениорските натпревари, се интересираа бројни тимови ширум Европа, но македонската тинејџерка ја избра француската лига за следна дестинација. Таа во јануари била на проба во клубот, каде воодушевила и веднаш добила понуда за соработка, што е верификувана со денешниот договор.

„Се чувствувам пресреќна. Од мала сонував да заиграм за голем клуб како Брест, сеега тој сон ми се исполнува. Имам само убави спомени од престојот во клубот во јануари, атмосферата во салата беше неверојатна, разговарав со дел од ракометарките кои ми оставија фантастичен впечаток. Знаеме дека ракомтот во Франција е на многу повисоко ниво отколку во Македонија, се чувствувам подготвена за нови предизвици и верувам дека ќе можам да му помогнам на клубот во иднина. Свесна сум дека сум многу млада и мојот ракометен развој многу ќе зависи од мојот клуб. Затоа го избрав Брест како многу квалитетен клуб, што ќе ми овозможи уште повеќе да се развивам како играч“, изјави Младеновска.

Се вчитува...