Бутел го доби „малото скопско дерби“ против Пролет

Ракометарите на Тинекс Пролет немаа сила за ново изненадување по победата над Охрид во минатото коло, откако вечерва во „малото скопско дерби“ загубија на гостувањето кај Бутел со 23-16 како дел од 6. коло од плеј-офот во Суперлигата.

Домаќините подобро го отворија натпреварот, посебно во фазата во одбрана каде на Пролет не му дозволија ниту еден погодок во првите девет минути, а резултатот на семафорот изнесуваше 3-0. Првиот погодок за гостите го постигна Александар Василевски во десетата минута од натпреварот.

По слабиот старт тимот од скопската населба Пролет ги консолидираше своите редови па со серија од 3-1 во 13. минута стигнаа на само еден гол негатива 4-3. Сепак, домаќините вратија со серија од три гола во 19. минута стигнаа до највисоките до тој момент плус четири (7-3). Лошата реализација во нападот беше одлика на двата тима и во следниот период, а до крајот на првиот дел гостите успеаја да намалат на само минус еден (8-7).

Второто полувреме почна слично како и првото. Двата тима се мачеа да стигнат до голот на противникот, па во оваа игра повторно подобро се снајдоа домаќините кои во 38. минута повторно се одлепија на плус три (12-9). Во продолжение се играше гол за гол, а во последната четвртина од натпреварот бутелчани влегоа повторно со највисоките плус четири (17-13), по што тренерот на гостите Лембанов мораше да интервенира со тајм-аут. Ниту паузата не вроди со плод бидејќи Бутел во последните десет минути влезе со највисоки плус пет (18-13).

До крајот разликата само растеше за конечни 23-16. Мирко Мајиќ со седум гола беше убедливо најдобар поединец кај победникот, додекај кај Пролет по три гола постигнаа Тотиќ, Димов и Андоновски.

Се вчитува...