Откако Управниот Одбор на РФМ вчера објави дека е прифатена поканата за женска репрезентација на Македонија да учеството на претстојното ЕП на ракомет на плажа што ќе се одржи во Португалија, денеска и официјално беше означен почетокот на „мисијата“ во овој спорт, под водство на главниот координатор Марјан Начевски и неговиот заменик Сашо Кркачев.
На собирот во СЦ „Борис Трајковски“ имаше дваесетина ракометарки, меѓу нив и актуелни репрезентативки, од кои ќе биде извршена селекцијата за националната селекција во ракомет на плажа. Собирот почна со кратко објаснување на правилата за овој спорт, преку видео-снимки од конкретни случки од натпревари, а селекторот Златко Мојсоски најави дека тренинзите најверојатно ќе се одржуваат по еднаш неделно, поради обврските што ракометарките ги имаат кон своите клубови во кличниот дел од сезоната.
„Нашата цел да се претставиме во добро светло. Тука има девојки кои веќе знаат што е ракомет на песок, другите во овој краток период ќе ги научат правилата и се што е поврзано. Времето ни е непријател, добро е што сте физички сте подготвени. Ќе собираме еднаш неделно, се надевам дека ќе успееме да се вклопиме и ќе ја претставиме Македонија во најдобро светло. Не треба да се плашиме, се учи и во порази и во победи“, им се обрати Мојсоски на ракометарките.
Марјан Начевски, кој со години е ЕХФ-делегат во ракомет на плажа, е оптимист дека со напорна работа може да се стигне и до позитивен резултат.
„Сакаме девојки кои сакаат да направат нешто што сега не постои тука, што ќе бидат дел од овој проект и ќе веруваат во него. Важно е да се влезе во сето ова со љубов и срце. Преку ноќ не може да се направи резултат, мора да се биде трпелив, но јас верувам дека можеме да успееме. А зошто да не успееме, неодамна селекцијата на Грција стана шампион, зошто ние да не оствариме некој позначаен резултат. Не на ова ЕП, но важно е да се работи напорно, да се напредува. Јас ви гарантирам, по една година во овој спорт, ќе напредувате за по 30% и во ракометот во сала“, беше дел од говорот на Начевски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

