Кога Абердин пред една година потпиша со Бојан Миовски, од тим од Унгарија кој испаѓаше од Лигата, сите сметаа дека тоа е премногу скапо платен трансфер. Унгарски МТК доби 535.000 фунти од шкотскиот тим за услугите на македонскиот репрезентативец.
Особено ако се има во предвид дека Миовски во вториот дел од сезоната за МТК постигна само два гола, и играше како десно крило во унгарскиот клуб.
Но, Абердин имаше „нос“ за неговото чувство за голови, и го донесе во своите редови. Сега по една сезона, Миовски може да замине ако некој плати 4 милиони фунти. Тоа значи дека неговата цена порасна седумкратно.
За услугите на Миовски во текот на сезоната беа заинтересирани неколку клубови од Премиерлигата, од Италија и од Франција. Засега Абердин одолева, но продолжи ли Миовски во ист голгетерски стил, тогаш ќе направи трансфер во поголем клуб, а неговиот тим добро ќе заработи.
Миовски во моментов се рехабилитира од повреда, затоа не настапи на дуелите со Украина и со Англија, а се очекува да се врати на почетокот на идната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА