Италијанецот Џовани Валенти пред промоција како нов тренер на Академија Пандев Брера!

Италијанецот Џовани Валенти е пред промоцијата на клупата на ребрендираниот струмички прволигаш, Академија Пандев Брера.

Горан Пандев вчера информираше дека ќе биде нов претседател на клубот, а сега е познато дека стручниот штаб низ престојната сезона ќе го предводи 47-годишниот италијански стратег роден во Бреша, кој последно работел како тренер на тимот до 18 години на Парма.

Валенти, за кого од пред еден месец беше познато дека ја презема работата во Струмица по влегувањето на компанијата Брера во Академија Пандев, претходно бил и помошник селектор во селекциите на Италија до 19, односно до 20 години. Во својата досегашна кариера работел само со млади категории, во младинската школа на Милан од 2010 до 2012 година, па во младинската акдемија на Бреша од 2012 до 2015 година, а од 2015 до 2019 година бил дел од младинската академија на Јувентус.

Во текот на вчерашниот ден Горан Пандев и официјално информираше дека ќе биде иден претседател на клубот во кој ќе работи стручен штаб од Италија, истакнувајќи дека се работи за долгорочен проект чии резултати треба да се очекуваат за најмалку две-три години.

„Јас станав претседател на Академија Пандев Брера Струмица, нашето име си останува, нашиот клуб се ребрендира. Бордот на директори кој е во Њујорк одлучи јас да бидам претседател, со моето искуство, со познавањето на македонскиот менталитет можам многу да им помогнам на луѓето кои доаѓаат од странство. Конечно се завршија сите процедури околу преземањето на Академија Пандев. 90-отсто од акциите на нашиот клуб ги купи Брера Холдинг и од оваа сезона почнува една нова мисија, нов проект кој ќе биде добар не само за струмичкиот фудбал, туку и за македонскиот фудбал. Влегуваат нови луѓе, со нови идеи. Овој проект својот бенифит ќе го даде по 2-3 години, со макотрпна работа, со стручен штаб од Италија, ќе внесеме нешто ново во македонскиот фудбал“, изјави Пандев.

Се вчитува...