Пролет скапо си ја продаде кожата, но Охрид ги освои бодовите

Охрид ги потврди високите амбиции сезонава во ракометниот плејоф откако тимот на Стевче Алушовски забележа нова победа, овојпат на гостувањето против Пролет со резултат 28-32. Охриѓани полни со самодоверба по триумфот над Алкалоид допатуваа во Скопје, но налетаа на максимално мотивиран противник кој знаеше како да им парира во огромни делови од натпреварот. Сепак, жилавиот отпор не беше доволен за Пролет да стигне до позитивен резултат, па охриѓани ги прокнижија бодовите на овој интересен дуел во салата „Македонско Сонце“.

Првото полувреме мина во израмнета борба во која Пролет беше за нијанса подобар во првите дваесетина минути. Избраниците на Јовиќ во неколку наврати имаа „плус два“, последен пат водеа со 10-8, по што Охрид го сврте резултатот во своја полза, па „сино-белите“ со голот на Ојлески на одмор заминаа со водство од 13-15. Охриѓани поведоа со 13-16 на стартот од вториот дел, но Пролет експресно се врати. Кон средината на второто полувреме гостите дојдоа и до „плус четири“ (20-24), но тајмаутот на Јовиќ вроди со плод и предноста експресно беше намалена на само еден гол. Отпорот беше скршен на четири минути до крајот, кога своето трето исклучување го заработи Арсеновски, по што Охрид умешно се одлепи и на крајот стигна до заслужена победа.

Гај Цирар со 12 гола беше најефикасен и во овој тримф на охриѓани, осум погодоци постигна Ојроникидзе, додека кај Пролет најефикасни беа Андоновски со осум и Палевски со шест погодоци.

Се вчитува...