Олимписки квалификации: Норвешка до голем триумф, сигурни Шпанците и Германците

Домашните селекции немаа проблем на турнирите во Хановер и во Гранолјерс на стартот од олимписките квалификациски турнири, откако Германија го декласираше Алжир со  41-29, додека Шпанија не виде мака со Бахреин триумфирајќи со убедливи 39-27.

Шпанците уште во првото полувреме се одлепија решавајќи го прашањето на победникот на одмор заминувајќи со 18-11, по што во вториот дел ја зголемија предноста, но и сочуваа дел од силите за следните предизвици и дуелите со Словенија и со Бразил. Дани Фернандез беше најефикасен во шпанскиот состав со осум гола, додека Касадо го заврши натпреварот со пет погодоци.

Германската селекција поведе со седум гола во раната фаза од мечот, Алжир благодарение на одличниот Гедбан намали на три гола разлика до крајот на полувремето, но домаќинот заигра фуриозно во преостанатите 30 минути, стигнувајќи рутински до двоцифрен триумф. Гедбан имаше 15 одбрани на голот на Алжир, Волф собра десет интервенции за Германците, додека во нападот најефикасни за победничкиот состав беа Усчинс со десет и Гола со седум погодоци.

Норвешка стигна до голем триумф на турнирот во Татабања откако скандинавската селекција по голема борба славеше над Португалија со 31-28. Норвежаните имаа целосна контрола во првиот дел на одмор заминувајќи со предност од 18-13, Португалија намали на 27-25, резултат при кој Бергеруд го запре обидот на Франциско Коста, по што Норвешка ја консолидираше играта и ја задржа предноста до конечните „плус три“.

Се вчитува...