Погледите на Ракометна Европа оваа седмица ќе бидат насочени кон Копенхаген, каде раководството на ЕХФ организира неколку состаноци, а за утре е закажана и ждрепката за квалификациите за ЕП 2026. Од денеска па се до петок ќе биде одржана и конференција на генерални секретари под на федерациите кои се наоѓаат под ЕХФ, чиј дел е и првиот оперативец на Ракометната Федерација на Македонија, Филип Милошевски.
Милошевски ќе биде дел од неколкудневниот состанок на кој ќе биде дискутирано на најразлични теми, од односи со медиумите, борбата против допингот во ракометот, ринк-конвенција за тренери, систем за натпреварување во младинските категории во иднина… се со цел да биде донесен заеднички заклучок со кој ракометот ќе продолжи да се развива како елитен спорт.
Ова е 14. ваква конференција на генералните секретари што ја организира европската куќа на ракометот, на која беа презентирани и кандидатурите за организација на наредните сениорски европски шампионати, во периодот од 2030 до 2032 година.
Милошевски воедно ќе биде присутен и на утрешната ждрепка на која Македонија ќе ги дознае противниците за претстојниот квалификациски циклус за ЕП 2026.
Нашата сениорска селекција се наоѓа во вториот шешир во оваа ждрепка, со големи шанси да добиеме поволна група за да продолжиме со настапите на ракометните европски шампионати.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА