Вардар неизбежно на бодови против Гостивар, на Чаир ќе „гори“ меѓу Шкупи и Шкендија

По трите порази во четири почетни кола во новата сезона, фудбалерите на Вардар денеска под водство на новиот тренер Срѓан Захариевски неизбежно атакуваат на бодови на дуелот против Гостивар во 5. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Натпреварот меѓу двете екипи ќе се игра од 15 часот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, откако Гостивар не доби дозвола да биде домаќин во Штип.

Стратегот Срѓан Захариевски, по десетдневните подготовки со тимот низ паузата поради репрезентативната активност, вели дека Вардар е подготвен за борба за позитивни резултати со кои ќе ги надмине сите почетни проблеми во сезоната.

Дербито, пак, на колото се игра на Чаир каде Шкендија гостува на Шкупи, во еден од највозбудливите натпревари во шампионатот кој секогаш носи силен ривалитет меѓу двете екипи.

Повратникот во редовите на Шкендија, најдобриот стрелец во историјата на македонскиот фудбал, Бесарт Ибраими, верува дека ќе биде максимално коректен и интересен дуел.

„Атмосферата во нашиот тим е навистина многу добра, имавме мини подготвителна фаза на двонеделната пауза и максимално се подготвивме за овој натпревар. По враќањето во Шкендија, среќен сум што повторно ќе уживам во овој натпревар. Се надевам дека братските односи со овој клуб уште повеќе ќе се зацврстат, верувам дека ќе имаме најдобар дочек и на ист начин ќе возвратиме“ – вели Ибраими и дополнува:

„Тоа е дерби и како такво има свој притисок. Максимално го респектираме скопскиот тим, но ќе дадеме се од себе и се надевам дека ќе дојдеме до позитивен резултат“.

Ибраими не крие дека Шкендија ќе атакува на трите бода.

„Секогаш целиме кон победа. Важно е да дадеме максимум и тогаш теренот ќе покаже колку сме заслужиле. Ме радува формата на Фитон Адеми. Посебно задоволство ми е кога гледам дека можам да помогнам и да придонесам младите да се развиваат“ – вели Ибраими.

ПРВА ЛИГА – 5. КОЛО (денеска, 15 ч.)
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ТИКВЕШ
Струмица: АП БРЕРА – БЕСА
Скопје: ГОСТИВАР – ВАРДАР
Скопје: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА
Битола: ПЕЛИСТЕР – СТРУГА ТЛ
Охрид: ВОСКА СПОРТ – СИЛЕКС

Се вчитува...