Хрватскиот напаѓач, Бруно Петковиќ постигна договор со новиот турски премиерлигаш Коџаелиспор, објави и официјално клубот на своите социјални мрежи. Денес, Петковиќ слета во Истанбул, каде што само формалности го делат од потпишувањето на договорот.
По седум години во Динамо Загреб, Петковиќ го раскина договорот со клубот по заедничка согласност. Во емотивна порака на социјалните мрежи, тој им се заблагодари на соиграчите, вработените и навивачите, нагласувајќи дека Динамо е второ семејство за него.
„Дојдов уште како дете, лесен и разигран, а си заминувам како човек со две семејства – едното го имам дома, а другото во Максимир. Беше чест да бидам член на најдобрата генерација на Динамо во последните 50 години“, рече Петковиќ.
Одлуката да го напушти Динамо е донесена по состанокот со спортскиот директор Звонимир Бобан, кој му понуди на Петковиќ нов договор, но со значително намалување на платата. Петковиќ не се согласи со тоа и по 279 одиграни натпревари, 88 гола и 61 асистенција, реши да бара нов предизвик.
По раскинувањето со Динамо, Петковиќ не остана долго без ангажман. Иако имаше интерес од шпански Алавес, турски Коџаелиспор беше најконкретен и му понуди значително повисоки финансиски услови. Турските медиуми објавуваат дека станува збор за околу 1,5 милиони евра по сезона, со можност за бонус во зависност од перформансите и резултатите на клубот. Договорот треба да биде потпишан на три години, а Петковиќ ќе добие дополнителни 300.000 евра за самиот потпис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

