Маркус Рашфорд мина неколку одлични месеци во Астон Вила, но крајот на позајмицата значеше и враќање на англискиот голгетер назад во Манчестер јунајтед, каде тој сериозно ги наруши односите со тренерот Рубен Аморим и веќе на сите им е јасно дека за Рашфорд нема повеќе иднина на „Олд Трафорд“.
Омилена дестинација на Англичанецот беше Барселона, но веќе стана јасно дека каталонците нема да испратат официјална понуда откако вниманието целосно го свртија кон Нико Вилијамс и Луис Дијаз, а останувањето во Астон Вила не е опција бидејќи Рашфорд инсистира неговиот нов клуб да игра во Премиер-лигата, а тимот на Унаи Емери ќе биде дел само од Лигата на Европа.
Информациите од Англија говорат дека поранешниот репрезентативец добил интересна понуда во изминатите денови, да се пресели во северниот дел од Англија и да го облече дресот на Њукасл. „Црно-белите“ планираат дополнително да ја засилат навалната линија откако повторно обезбедија билет за ЛШ, а на врвот на листата со желби се наоѓа токму Рашфорд.
Проблем претставува превисоката плата што голгетерот ја има загарантирано во Јунајтед, поради што не се исклучува опцијата за нова позајмица со која Манчестер повторно би покривал дел од платата на голгетерот како што тоа беше случај во Астон Вила. Јасно е дека „црвените ѓаволи“ претпочитаат перманентен трансфер, но премалиот интерес за овој фудбалер може да ги натера да го променат планот, па повторно да дадат зелено светло за позајмица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

