Гијокереш го откачи Јувентус, сака само во еден клуб…

Трансфер-сагата околу иднината на Виктор Гијокереш дефинитивно ќе продолжи откако шведскиот голгетер ја одби првата понуда што тимот на Спортинг беше подготвен да ја прифати за да го продаде.

Јувентус беше тимот што најде заеднички јазик со португалскиот првак откако „старата дама“ понуди загарантирани 60 милиони евра, плус 10 милиони поврзани со неколку клаузули. Згора на тоа, Јуве беше согласен да издвои дополнителни 12 милиони евра како провизија за агентот на Гијокереш, што е клучна тема во конфликтот на напаѓачот со управата на Спортинг, која не сака ни да чуе да издвои дел од отштетата за оваа намена.

Сепак, трансферот на голгетерот во Јувентус нема да се реализира откако самиот фудбалер ја отфрлил можноста за преселба во Италија. Медиумите од Апенинскиот полуостров информираат дека „старата дама“ сторила се што може, но одговорот на Гијокереш бил дециден. Тој нема намера да продолжи да преговара за лични услови, бидејќи желба му е да се пресели во Премиер-лигата, и тоа во редовите на Арсенал.

„Топчиите“ се во потрага по врвен голгетер, покрај Гијокереш преговараат и со Шешко од Лајпциг, но засега се далеку од постигнување договор со клубовите на овие одлични напаѓачи.

Што се однесува до Јувентус, „црно-белите“ од Торино сега вниманието го насочија кон Џонатан Дејвид, канадскиот голгетер кој од 1 јули ќе биде слободен играч по истекот на договорот што го има со Лил.

Се вчитува...