Заменете ги екраните со голови

Последниве години, за жал, сведоци сме на сè поголемата навика кај децата да дриблаат со прст по екранот, наместо со топка по теренот. Шутираат лајкови наместо голови, додаваат содржини на социјални мрежи, наместо да додаваат топка до соиграчи и полека се оддалечуваат од вистинската игра. Детството кое некогаш мирисаше на свеж воздух, калливи патики и испотени дресови, денес сè почесто се одвива под вештачка светлина и зад екрани.

А, ништо не може да го замени чувството кога ќе се даде гол, кога адреналинот расте додека тимски се цели кон победа, кога ќе се изгуби, па повторно стане и се продолжува кон следниот предизвик.

Несомнено дека фудбалот, кошарката, ракометот, воопшто секој спорт не е само игра, туку е едно големо училиште во животот. На секој тренинг, натпревар, турнир, се учи што значи да бидеш дел од тим, да се бориш, да се радуваш со другите, но и да прифатиш пораз со достоинство. Овие лекции не се преземаат со клик, туку се доживуваат, со пот, тренирање и упорност.

Не случајно и стручните лица сè почесто апелираат до младите наместо „да ја играат топката“ на PlayStation, да ја почувствуваат во вистинскиот свет, на улица, во училишниот двор, на маалски терен. Наместо да „играат“ преку апликации, да заиграат во вистинскиот живот, бидејќи редовната физичка активност освен што е клучна за правилен развој, подобар имунитет и здрава телесна тежина, таа е и темел за градење на самодоверба, дисциплина и социјални вештини.

На теренот, децата учат како да соработуваат, како да се натпреваруваат, тимски и со почит, како да се радуваат во победа, но и како да прифатат пораз. Токму тие искуства ги формираат како вистински личности.

Затоа наместо пасивно седење, нека трчаат, наместо да се изолираат во четири ѕида, нека создаваат другарства. Наместо виртуелни светови, нека си го изградат својот свет на терен, во дрес, со вистински другари и вистински предизвици.

А од каде да почнат? Една од најдобрите опции се зелените терени на ФК Аеродром, таму спортот, воспитувањето и забавата се дел од иста екипа.

 

Се вчитува...