Голгетерот по шест години се врати назад во Ајакс

Ајакс успеа да доведе врвно засилување за нападот откако холандскиот фудбалски гигант го комплетираше трансферот на Рајан Долберг, данскиот голгетер кој пристигнува од редовите на Андерлехт.

Станува збор за познато име за фановите на Ајакс, ако се знае дека Долберг неколку сезони успешно ги бранеше боите на Ајакс, постигнувајќи 45 гола на 119 средби за овој клуб. Тој пред шест години си замина од клубот, во меѓувреме настапуваше за Ница, Севилја, Хофенхајм и Андерлехт, за летово да се врати назад на „Јохан Кројф Арена“.

Тој минатата сезона постигна 24 гола за Андерлехт, сезонава веќе има пет погодоци на девет средби во сите натпреварувања, а токму добрата форма беше препорака за Ајакс да тргне во офанзива за неговиот потпис и да го договори трансферот за вкупна сума од 12 милиони евра.

Долберг доаѓа како неопходно засилување за нападот на Ајакс откако овој клуб во последниот ден од англискиот преоден рок ги продаде Броби и Траоре во Сандерленд.

Се вчитува...