Супер-вест: Марко Митев наскоро се враќа на ракометните терени

Марко Митев неколку месеци е надвор од терените по тешката повреда на коленото и операцијата на лигаментите, но тренерот на Алкалоид, Кире Лазаров на денешната прес-конференција обелодени прекрасна вест – дека лидерот на „сино-белите“ наскоро ќе се врати на терените.

„Нема што да криеме, очекувам Марко Митев набрзо да се врати на терените. Можеби за еден месец, можеби и пократко, точниот термин сепак ќе треба да се одреди во консултации со нашиот медицински тим. Тој се уште тренира индивидуално, не е приклучен на тимските тренинзи, но работи интензивно, со спринтеви, со скок-шутеви. Напредува од ден на ден и наскоро ќе го видиме повторно на терен. Верувам дека тој сигурно ќе биде дел од нашата репрезентација на јануарското Европско првенство во Данска“, изјави Лазаров.

Добра вест е што и десното крило Никола Костески, кој беше повреден во голем дел од ланската сезона, исто така е во напредна фаза од рехабилитацијата.

„Костески е околу две седмици зад Митев во процесот на рехабилитација, но и тој исто така ќе биде наскоро во тимот. Тоа е одлична вест за нас бидејќи станува збор за двајца важни ракометари во тимот“, истакна стратегот на Алкалоид.

Се вчитува...