Хрватска многу потешко од очекувањата стигна до почетна победа на ЕП 2026 откако „коцкестите“ со многу мака ја совладаа Грузија со резултат 32-29. Грузијците се покажаа како цврст и незгоден ривал, Хрватска на паузата имаше минимални 15-14, но Грузија направи нов пресврт и имаше предност од два гола. Во последните десет минути се влезе со „плус еден“ за Грузија, но Хрватите се разбудија кога беше најважно, го свртеа резултатот во своја полза и се радуваа на победата. Шоштариќ со осум гола беше прва виолина во хрватскиот состав, а шест погодоци постигна Циндриќ.
Шпанија во групата во Хернинг ја совлада Австрија со 30-25, правејќи џиновски чекор кон следната рунда. Голманот Сергеј Хернандез беше шпанскиот херој, со серија одлични одбрани помагајќи неговата селекција да го заврши првото полувреме во голем стил, поведувајќи со 19-12. Австрија се обиде да се врати, намали на „минус четири“, но Шпанците не дозволија камбек и изненадување на овој натпревар.
Хернандез го заврши мечот со 13 одбрани, а за одбележување е дека Шпанија имаше дури 11 различни стрелци, најефикасни беа Гарсијандија и Алеиш Гомез со по четири погодоци.
Франција одигра уште еден импресивен меч во својата група, славејќи над Украина со 46-26, втор меч во низа на кој „триколорите“ постигнуваат над 40 погодоци. Наи, Кунку и Ричардсон беа најдобри стрелци со по шест гола, додека најефикасни кај Украина беа Артеменко со осум и Турченко со седум гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

