Французите перфектни, Германија ја доби „војната“ со Шпанија

Франција во голем стил го освои првото место во групата во Осло откако „триколорите“ во мечот за врвот ја совладаа домашната Норвешка со резултат 38-34. На Норвежаните како утеха им останува што с епрва селекција што не прими 40+ погодоци од Франција на овој шампионат, „триклорите“ повторно одиграа беспрекорно од почеток до крај во нападот, а делуваа одлично и во одбраната се додека Норвешка не почна со „седум на шест“.

Сепак, Франција имаше доволно оружја во својот арсенал за да ја задржи предноста и да пренесе два бода во следната фаза. Деска беше прв стрелец со шест гола за „триколорите“, по пет постигнаа Наи и Лен, додека Сагосен со девет гола ги предводеше стрелците на Норвешка.

Германија во клучниот меч во Хернинг славеше над Шпанија со 34-32, со што Германците го освоија првото место во групата, Шпанците се втори, а Австрија и Србија го завршија својот настап на шампионатот. Србите чекаа победа на Шпанија за да завршат како второпласирани и да стигнат до следната рунда, но Германците од самиот почеток на мечот го контролираа резултатот, предноста не беше преголема, но умешно ја чуваа до конечните „плус два“.

Ушчинс со осум гола беше прв стрелец на Германија, шест реализираше Кестер, додека стрелците на Шпанија во денешниот пораз ги предводеше Јан Гури со шест погодоци.

Се вчитува...