Сензација во Хернинг: Данците шокирани од Португалија

ЕКИПА во Хернинг,

Стеван Цаневски

Македонија и дефинитивно ги загуби сите шанси за пласман во следната рунда откако Португалија во последниот меч од групата славеше над Данска со резултат 29-31. Не само што Данците не славеа со 18 гола разлика колку што ни беше потребно за да завршиме втори, туку актуелните светски и олимписки прваци беа без одговор за извонредните Португалци, кои водеа во голем дел од мечот и заслужено стигнаа до победата.

Португалија дури беше подобар противник во првото полувреме, кога со цврста одбрана го шокираше атомскиот дански напад. Домаќинот беше запрен на само 11 гола за 30 минути, а Португалците на одмор заминаа со минимално водство од 12-11. Фаворитот се разбуди во вториот дел, го сврте резултатот во своја полза, но Португалија повторно возврати, поведе со 19-20 и го натера Јакобсен да побара нов тајмаут.

Данците повторно влегоа во грч, а португалските ракометари го искористија тоа поведувајќи со 21-24 на десет минути до крајот. Данска дојде до „минус еден“ по исклучувањето на Итуриза, но браќата Кошта одиграа меч за паметење, ја полнеа мрежата на Гидсел и во последните три минути се влезе со 26-28 за Португалија. Гидсел намали, но Ареја постигна два клучни гола, запечатувајќи ја победата на Португалија и најголемото изненадување во досегашниот дел од ЕП 2026.

Со овој триумф, Португалија пренесува два бода во следната фаза, а Данска влегува без бодови, па олимписките прваци ќе мораат да слават на преостанатите четири средби (со Франција, Германија, Норвешка и со Шпанија) ако сакаат да се пласираат во полуфиналето.

Браќата Кико и Мартим Коста со по девет гола беа најзаслужни за победата, шест погодоци постигна Ареја, додека најефикасни во данскиот состав беа Гидсел со осум и Питлик со шест погодоци.

Се вчитува...