Норвешка забележа победа на првиот меч од главната фаза во Хернинг откако во драматична завршница славеше над Шпанија со минимални 35-34. Дуелот беше максимално израмнет, а го одлучија судиите во последните секунди, откако најпрвин покажаа на седум метри, но по ВАР-анализата се премислија и досудија дека мечот е завршен со 35-34 за скандинавската селекција.
Шпанија отвори подобро, имаше почетни 4-2 и 5-3, потоа „црвената фурија“ водеше и со 12-10, но на паузата сепак се замина со израмнети 16-16. Двата тима продолжија со квалитетна игра во нападот до самиот крај, се тресеа мрежите на двете страни, а во последните минути се играше гол за гол. Норвешка остана со играч помалку, но успеа да го реализира последниот напад преку Грендал. Следеше уште едно норвешко исклучување, па Шпанците тргнаа во последниот напад со седум на четири. И наместо рутински да реализираат, непотребно тргнаа на цепелин, судиите најпрвин покажаа на седум метри за одбрана од просторот од шест метри, но по прегледувањето на снимката беше утврдено дека Норвежанецот скокнал надвор од забранетиот простор, па Шпанија остана без бодови, речиси без шанси за пласман во полуфиналето.
Педерсен беше прво име во норвешкиот состав со 11 гола, по пст постигнаа Грендал и Солстад, додека Алеиш Гомез со осум погодоци беше прв стрелец на шпанската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

