ЕХФ му одговори на хрватскиот селектор: „Распоредот на натпреварите го знаевте уште пред шест месеци“

Европската ракометна федерација (ЕХФ) издаде соопштение откако селекторот на хрватската репрезентација, Дагур Сигурдсон, отворено ја критикуваше организацијата на Европското првенство во Норвешка, Данска и Шведска на прес-конференција пред полуфиналето со Германија.

„Европската ракометна федерација ги почитува критиките за распоредот на натпреварите. Распоредот за ЕХФ ЕУРО се договара меѓу организаторите и ЕХФ многу пред почетокот на првенството. Во тој процес на донесување одлуки се вклучени сите релевантни засегнати страни, имено Одборот на нациите, кој ги претставува националните асоцијации. Распоредот им е познат на сите национални тимови најдоцна за време на ждрепката за финалниот турнир, повеќе од шест месеци пред турнирот“ – се вели во соопштението на ЕХФ и дополнува:

„Признаваме дека националните тимови што доаѓаат од Малме се соочуваат со попредизвикувачка ситуација. Сепак, треба да се напомене дека на претходните првенства, националните тимови имаа слични распореди, на пример и во 2018 година на ЕХФ ЕУРО чиј домаќин беше Хрватска“.

Сигурдсон го критикуваше и фактот дека неговата селекција е сместена на дури 40 километри од Хернинг каде ќе се играат полуфиналните дуели, за разлика од останатите три полуфиналисти кои се сместени во Хернинг.

Па, хрватските ракометари спиеја на подот од автобусот за време на нивното патување во Данска.

„Во врска со хотелот за националните тимови во Силкеборг, ЕХФ и организацискиот комитет досега добија само позитивни повратни информации. Силкеборг беше избран како хотел за хрватската делегација со цел да понуди идентични услови за двата полуфиналисти што играат еден против друг, Германија и Хрватска. Хрватската делегација беше дополнително информирана за ова во среда навечер. Малку подолгите патувања на меѓународните првенства не се невообичаени. На Светското првенство за мажи на ИХФ во 2025 година, Хрватска беше сместена во Карловац, а потоа патуваше во Загреб за своите натпревари. Распоредот за медиумите за сите национални тимови, како што е утврден од Европската ракометна федерација, им е соопштен однапред на сите национални тимови. По ЕХФ ЕУРО 2026, Европската ракометна федерација заедно со организаторите внимателно ќе ја оцени организацијата на првенството и ќе извлече соодветни заклучоци“, се вели во соопштението на ЕХФ.

А, што всушност се случи?

Хрватска и Германија ќе го играат полуфиналниот натпревар на Европското првенство во ракомет во петок во 17:45 часот во Хернинг, Данска. Ден пред натпреварот се одржа прес-конференција на која присуствуваа двајцата тренери и по еден играч. Хрватскиот селектор Дагур Сигурдсон беше бесен на ЕХФ поради очајните услови и бруталниот распоред на тековното Европско првенство во Норвешка, Данска и Шведска.

Хрватските ракометари спијат на подот во автобус

Репортерот на Нова ТВ, Иван Форјан, преку објави на социјалните мрежи откри дека хрватските ракометари спиеле на подот од автобусот и дека за време на турнирот пронашле црви и пластика во храната. Хрватскиот ракометен сојуз потврди во соопштение за медиумите дека организаторот на турнирот „преку ноќ одлучил да го промени градот и хотелот каде што Хрватска ќе се сретне со Германија во полуфиналето“.

Во својата жестока изјава, Сигурдсон го нагласи густиот распоред и малото време за одмор, додека германскиот селектор Алфред Гисласон рече дека го разбира гневот на својот сонародник, колега и утрешен противник.

Што рече Сигурдсон?

„Немав време да размислувам за натпреварот. Дојдовме во Данска во 14:30 часот, а јас морав да дојдам тука. Не сме во близина на салата. Имав 35 минути возење до овој циркус, а морам да се враќам сега пак 35 минути назад. Па, не можам да одржам тренинг со тимот. Ова е потврда дека на ЕХФ не им е грижа за играчите и тимовите. Тие се како брза храна. Не им е грижа за квалитетот, туку само за продажбата. Направија добра претстава и добар прес. Не е важно што имавме четири часа возење од Малме. Бевме во групата во Малме и имавме два дена помалку за да одиграме седум натпревари. Секој што знае барем малку нешто за овој спорт знае дека е премногу за играчите. Моравме да играме два натпревари во 22 часот. Следното утро нè ставија во автобус како кокошки и нè фрлија тука, каде што сме многу далеку од сè. Потоа морав да дојдам тука да одржам прес-конференција. Во полуфиналето сме. Ова е шокантно и скандалозно. Ви благодарам на сите. Ќе бидам среќен кога ќе можам да си заминам“, рече Сигурдсон.

Се вчитува...