Капитенот на Интер Мајами, Лионел Меси, заработува помеѓу 70 и 80 милиони долари годишно кога ќе се вклучат сите извори на приход, вклучувајќи го и неговиот удел во сопственоста на клубот.
Оваа информација ја откри ко-сопственикот на американскиот клуб, Хорхе Мас.
Во интервју за „Блумберг“, Мас објасни дека поради високите трошоци за доведување на врвни играчи, клубот мора постојано да бара нови спонзори и дополнителни извори на финансирање.
„Причината зошто мора да имаме врвни спонзори е затоа што играчите се скапи. Јас му плаќам на Меси, тој вреди секој долар, но тоа е вкупно помеѓу 70 и 80 милиони долари годишно.“, рече Мас.
Меси е убедливо најплатениот играч во МЛС. Неговата основна плата е 12 милиони долари, додека неговата вкупна загарантирана заработка, според Здружението на играчи на МЛС, е 20.446.667 долари.
Сепак, неговата заработка не завршува тука. Аргентинскиот фудбалер заработува дополнителни приходи преку спонзорски договори, вклучувајќи ја и соработката со „Адидас“, но и преку поделба на приходите со „Епл“, кој е партнер на МЛС за телевизиски права.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

