Флорентино го урива рекордот за најскап трансфер во историјата на Реал

Реал Мадрид ќе стори се за да стигне до барем еден трофеј до крајот на оваа сезона, но Флорентино Перез веќе ги планира следните чекори за летниот преоден рок. Во него, „кралевите“ ќе мораат да именуваат нов тренер по неуспешниот експеримент со Арбелоа, но и значително да го засилат играчкиот кадар.

Информациите од Шпанија говорат дека Флорентино веќе кова сериозна стратегија, со која би го урнал и рекордот за најскап трансфер во историјата на „кралскиот клуб“. Михаел Олис од Баерн Минхен е фудбалерот што се наоѓа на самиот врв на листата со желби на Реал, францускиот ас блеска во дресот на баварскиот гигант, а се очекува да има и значајна улога во таборот на „триколорите“ на претстојниот мундијал.

Токму поради тоа, раководството на Реал би сакало овој мегатрансфер да биде реализиран пред стартот на СП, за што е подготвена и рекордна сума од неверојатни 160 милиони евра.

Баерн не сака ни да чуе за продажба на асот кој се покажа како полн погодок по трансферот од Кристал Палас, па затоа Реал ќе мора да понуди богатство за да го убеди и германскиот гигант, но и самиот фудбалер на ваков мегатрансфер.

Засега се е во доменот на шпекулациите, но историјата покажала дека ако Флорентино Перез тргне во офанзива по некоја фудбалска „ѕвезда“, ретко кој може да одолее на трансфер во најтрофејниот европски клуб.

Се вчитува...