Не е тајна дека Ханси Флик е задоволен од она што Маркус Рашфорд го прикажува во дресот на Барселона, особено откако Англичанецот ја прифати улогата на резерва на крилните позиции, зад незаменливите Рафиња и Јамал.
Челниците на Барса сакаат да го задржат напаѓачот што е пристигнат на позајмица од Манчестер јунајтед, но нивниот план беше експресно одбиен од страна на „црвените ѓаволи“. Имано, каталонците не сакаат да ја активираат клаузулата за откуп во висина од 35 милиони евра, туку планираат да го доведат Рашфорд на нова едногодишна позајмица, со што би оставиле простор во буџетот за ангажман на нова класична „деветка“ што би го заменила Роберт Левандовски во тимот.
За ваквата идеја биле известени и раководните луѓе на Манчестер јунајтед, кои експресно ја отфрлиле оваа опција. „Црвените ѓаволи“ сметаат дека сумата од 35 милиони евра е прениска за играч со квалитетите на Рашфорд и убедени се дека би добиле побогата понуда за овој напаѓач, пари што потоа би биле искористени за буџет за нови засилувања во тимот.
Останува да се види дали каталонците ќе се премислат, или Барса ќе бара други опции на пазарот за играчи на позајмица, а Јунајтед ќе си ја проба среќата да го продаде Рашфорд во перманетен трансфер, нешто што не им успеа на „ѓаволите“ минатото лето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

