Маџари продолжува да испишува историја, дебитантот во првата сезона во елитното друштво најпрвин влезе во Топ 6, сега и во Топ 4, а по вечерашниот триумф над ТФТ тимот предводен од Миодраг Тодоровиќ е на чекор до големото финале.
Полуфинале за апсолутни честитки на сите актери, навивачи на двете екипи на трибини, квалитетна кошарка на терен, гинење за секој топка, атракции на двете страни… и драма до самиот крај. Најпрвин продолжение, а потоа и во дополнителните пет минути, дуел решен во последните секунди.
Маџари, сезоната од соништата продолжува… стратегот Тодоровиќ млад по години, но максимално искусно повторно го извлече максимумот од лимитираниот ростер, Грин одигра со скршен заб во продолжението (настрада при дуел во последните секунди од регуларниот дел, Хот погоди кога беше најважно, за атракциите на Армстронг и Луис не треба да се трошат зборови… овој тим повторно одигра над своите можности, за првпат сезонава го зеде скалпот на ТФТ, па сега финалето е на дофат.
ТФТ влезе во плејофот како прв носител, но атакот кон трофејот сега му е сериозно искомпликуван. „Црно-белите“ од Тафталиџе можат да жалат за промашените зицери и отворени шутеви, се вратија од амбисот со тројките на Говенс, но во последната минута направија премногу грешки, што на крајот се покажа кобно во едно полуфинале.
Нека биде лекција пред претстојниот двомеч за влез во АБА со Борац, дуели закажани за четврток и недела, по што ТФТ ќе се обиде да го врати „брејкот“ во салата во Маџари. Под голем притисок, бидејќи пораз ќе значи елиминација, а во Маџари ќе сторат се за да се изборат за историско финале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА














































