Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, денеска присуствуваше на поставувањето на камен темелникот на новата трибина и административно-техничките простории на фудбалскиот стадион.
Новата трибина ќе биде со капацитет од 1100 гледачи, а во склоп на проектот што го спроведува локалната самоуправа е предвидено и изградба на нови административно технички простории, соблекувални и поставување на стадионското осветлување, како и изградба на паркинг и уредување на просторот околу стадионот.
Првата фаза од проектот опфаќа комплетна реконструкција на фудбалскиот терен со поставување вештачка трева и нова заштитна ограда и изградба на систем за дренажа со што се доби професионална подлога за одржување на фудбалски натпревари на стадионот кој е изграден според современите стандарди и критериуми на УЕФА.
Министерот Ристовски истакна дека вложувањата во спортската инфраструктура се вложувања во развојот на спортот и во здрава иднина и посочи дека општина Илинден е една од водечките во тој дел.
„Секогаш ми претставува задоволство кога сум гостин на вакви настани кои оставаат трајни вредност и кои оставаат белег и на општината, во конкретниов случај на општина Илинден. Сите овие вложувања во спортската инфраструктура се многу важни за Министерството за спорт и за Владата, затоа што тоа се работи кои остануваат и по нашето заминување за две, три, пет или десет години. Тоа се работите на кои што сме фокусирани и ова едно продолжување од страна на градоначалникот на општина Илинден, на она што е зацртано како стратегија од стана на Министерството и на Владата за континуирано вложување во спортската инфраструктура. Многу е важно да создадеме услови за сите дечиња да може да спортуваат, да се развиваат и да се рекреираат и еден ден да станат врвни спортисти. Спортската инфраструктура е важен дел за развојот на спортот“ – рече Ристовски, истакнувајќи дека Министерството за спорт секогаш ќе биде вистински партнер и ќе и помога на секоја општина која вложува во спортската инфраструктура.
Изградбата и реконструкцијата на спортската инфраструктура е еден од приоритетите во програмата на Министерството за спорт, како основа за развој и унапредување на спортот и промоција на активен и здрав начин на живот во современи и безбедни услови во урбаните и во руралните средини низ целата држава.
Новата трибина е во насока и на поддршка за Фудбалскиот клуб Илинден, кој од оваа година очекува влез во Третата македонска фудбалска лига, со амбиции за влез и во второлигашкото друштво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА





