Кошаркарите на ТФТ не успеаја преку АБА2 да влезат директно во елитното друштво, но македонскиот вицепрвак има нова шанса за такво нешто, преку баражот со претпоследниот тим од АБА1, српскиот претставник Борац Чачак.
Серијата се игра до две победи, Борац ја има предноста на домашен терен почнувајќи од вечерва во 20.30 часот, но во таборот на ТФТ владее оптимизам дека ќе може да се замрсат сметките на фаворитот. Впрочем, скопскиот клуб во АБА2 од улога на аутсајдер ги елиминираше Златибор и Сутјеска, подвиг што ќе се обиде да го повтори и во овој бараж.
„Подготвени сме за предизвикот што го носи овој бараж. Играме со противник што го почитуваме, но исто така веруваме во себе и во сопствените можности. Загубивме од Широки иако на тој двомеч подолго имавме предност од противникот, бевме со далеку подобри бројки во бројни статистички елементи, но на крајот решија одредени детали. Работевме квалитетно во овие подготовки на одредени детали шго можат да пресудат и можам да кажам дека сме подготвени. Фактот дека во регионот имаше чудни резултати и подвизи во изминатите денови, како онаа победа на Златибор (тим што ние го победивме) над Црвена Звезда, само ја зголемува нашата самодоверба“, истакнува тренерот Боро Смилковски.
Според него, стилот на игра што го практикува противникот е нешто што му оди во прилог на ТФТ.
„Борац е тим што игра квалитетна кошарка, ја базира играта на цврста кошарка со многу контакт, притисок на топка. Ако треба да споредам со тимовите со кои игравме изминатиот период, Борац најмногу потсетува на Сутјеска. Црногорците имаат сличен стил на игра со Борац, а се сеќавате дека на тие натпревари најдов одговор за пристапот и тактиката на противникот. Секако дека мечот не е идентичен, но ќе мора да внимаваме на истите работи, да го контролираме скокот и од таа контрола под обрачите да оствариме што повеќе лесни поени од транзиција. Ако успееме во тоа и ако одиграме на ниво во одбраната, верувам дека можеме да се радуваме на крајот. Влеговме во пеколен ритам на натпревари, но мотивацијата е на највисоко ниво и ќе сториме се за уште еднаш да ги израдуваме не само нашите навивачи, туку и целокупната македонска кошаркарска јавност“, оптимист е Смилковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
