Струга ТЛ, на три кола до крајот на првенството, гостува на Шкендија денска од 16 часот во Тетово, во дуел кој како и секогаш последниве години предизвикува сериозен интерес кај фудбалските фанови, поради квалитетот на двете екипи.
Капитенот Буњамин Шабани вели дека во Тетово очекува фудбалски спектакл и квалитетна игра од двете екипи.
„Дерби натпревар против многу квалитетен тим. Мислам дека ќе биде многу интересен натпревар и убав меч за сите фудбалски фанови. Како тим, можам да кажам дека сме подготвени за овој натпревар“ – вели Буњамин Шабани,кој денеска ќе го игра својот 22-ри натпревар против Шкендија.
Тој има 6 победи и 2 постигнати гола против „црвено-црните“ од Тетово.
„Во секој натпревар влегуваме со максимален фокус. Статистиката на вакви натпревари не е валидна, бидејќи секој натпревар е приказна сама по себе. Затоа ќе дадеме се од себе, да одиграме во наш стил, тактички да одиграме добро и верувам дека на крајот резултатот нема да изостане“ – вели Буњамин Шабани, кој верува дека со Струга Трим Лум оваа сезона ќе игра во европските натпреварувања.
„Ние сме професионалци, ќе го направиме најдоброто што е можно за нашиот клуб. Верувам дека на крајот ќе обезбедиме Европа. Мислам дека заслужуваме како тим повторно да ја претставуваме нашата земја на меѓународната сцена“ – нагласува Шабани, кој вели дека моменталната позиција не е вистинскиот одраз на Струга ТЛ.
Изгубените бодови во натпреварите против помали тимови вели дека ги чинеле подобар пласман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
