Роберт Левандовски крена уште еден трофеј со Барселона, па полскиот ас триумфално ќе го напушти каталонскиот гигант на крајот од оваа натпреварувачка сезона.
Полјакот на 30 јуни ќе стане слободен играч, преговорите за нов договор одамна се прекинати и јасно е дека тој ќе ги смени клупските бои летово. Едно е сигурно, иако има 38 години Левандовски не размислува за пензија.
„Ситуацијата е таква, договорот ми истекува, имам добиено понуди, но слободно можам да кажам дека немам донесено одлука каде ќе играм следната сезона. Ќе видиме што ќе се случува во следните месеци, останувам отворен за сите опции“, вели Левандовски.
Клубовите од САД не ја кријат желбата да го доведат ветеранот, а понуди испратија и италијанските гиганти Јувентус и Милан. Полскиот напаѓач не ја отфрла можноста за преселба во некоја послаба лига.
„Имам 38 години, но знам дека можам да играм. Како што реков, опции постојат, а не ми е приоритет да морам да бидам во некоја исклучително силна лига. Можам да играм и во помала лига и да уживам во животот, затоа и конечната одлука ќе ја донесам по консултациите со семејството“, истакнува големиот ас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
