А требаше да биде спектакл: Вардар „попарен“ од Зенит, стадионот полупразен (ФОТО)

Сите посакувавме спектакл. И потајно се надевавме на ново чудо, како против Фенербахче. Но, моќниот, мултимилионскиот Зенит дојде во Скопје и го преслуша македонскиот првак Вардар, кој беше комплетно немоќен да стори нешто повеќе на теренот. Лекција по фудбал – и 0-5! Ниту трибините не беа до крајот исполнети, иако вардарци има на Фејсбук, мислиш повеќе од еден милион. Но, на стадион, околу 12.000 или нешто малку повеќе. Единствено „Комитите“, најверните, постојано ги бодреа фудбалерите, и покрај тоа што овој меч ќе сакаме сите што побрзо да се заборави.

Vardar - Zenit 9Уште во петтата минута, Вардар потклекна. Зенит поведе по корнерот од левата страна, откако Александар Кокорин стрелаше со удар со глава, непречен од никого. Истиот фудбалер во 20.минута зголеми на 0-2. Полоз уфрли на вториот дирек, а Кокорин повторно со удар со глава ја затресе мрежата на Гачевски.

Kokorin gol

Вардар беше очаен во одбраната, но немаше одговор ниту во средниот ред, а не стигна да упати ниту еден удар кон противничкиот гол во првиот дел.

И не ни завршија првите 45 минути, а Зенит постигна и трет гол. Убава акција на рускиот тим, Кокорин со петица му подаде на Артем Ѕјуба, кој не можеше да не погоди од непосредна близина.

Vardar - Zenit 13

Тренерот Чедомир Јаневски очигледно им одржа лекција на фудбалерите на одмор за слабото издание, па Вардар малку „живна“ на почетокот на вториот дел. Бобан Николов имаше два обиди кон голот на Зенит, а вториот можеше за малку да заврши и со погодок. Потоа се обиде и Барсегјан, но беше непрецизен.

А Зенит не се задоволи ниту со три постигнати гола. Во 66.минута, Бранислав Ивановиќ се снајде најдобро во шеснаесетникот на „црвено-црните“ и постигна уште еден погодок, за преубедливи 0-4.

На спротивната страна, се обидоа Барсегјан и Фелипе, но не беа прецизни. Во завршницата се заканија и Барсегјан одново, па и капитенот Грнчаров, но без Лунерв одбрани без посериозни проблеми.

Во 87.минута, Артем Ѕјуба можеше да зголеми и на 0-5, но неговиот удар по центаршутот на Жирков заврши за малку крај дирекот од голот на Гачевски. Тоа што не успеа Ѕјуба, две минути подоцна го стори Ригони, откако си поигра како со мали деца со одбранбените фудбалери на Вардар.

А, покрај убедливиот пораз, македонскиот првак остана и без Владица Брдаровски и Бразилецот Итало, кои заработија повреди.

Vardar - Zenit 3

ВАРДАР – ЗЕНИТ 0-5 (0-3)

Арена „Филип втори“. Гледачи: 12.000. Судија: Јакоб Келет (Данска). Стрелци: Кокорин 5’, 20’, Ѕјуба 39’, Ивановиќ 66’, Ригони 89’ (Зенит). Ж. картони: Фелипе, Џигаури (Вардар).

ВАРДАР: Гачевски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Велковски, Брдаровски (44’ Глишиќ), Глигоров (64’ Марковиќ), Николов, Фелипе, Џигаури, Блажевски (70’ Итало), Барсегјан.

ЗЕНИТ: Лунев, Кришито, Ивановиќ (78’ Терентјев), Мевлја (82’ Жирков), Мамана, Краневитер, Нобоа, Кузјаев, Полоз, Кокорин (63’ Ригони), Ѕјуба.

Се вчитува...