АБА-финале: Црвена Звезда ја доби првата битка со Будуќност

Црвена Звезда поведе со 1-0 во финалната серија од АБА-лигата против Будуќност откако по голема битка го доби денешниот дуел со црногорскиот гигант со резултат 82-78. Дуелите меѓу двата лути ривали секогаш изобилувале со неизвесност, исклучок не беше ниту денешната пресметка, во која „црвено-белите“ сепак беа поумешни во клучните моменти и стигнаа до значајно водство во серијата, која се игра до три добиени натпревари.

Црвена Звезда подобро го отвори натпреварот и поведе со 18-9, но Црногорците експресно се вратија израмнувајќи на 20-20. Двата тима се менуваа во водство до крајот на полувремето, но по падот во концентрацијата на гостите „црвено-белите“ во последната минута влегоа во серија и со поените со звукот на сирената на Лазиќ на одмор заминаа со шест поени предност. Домаќините направија извонредна серија од 15 поени на крајот од третата и почетокот од четвртата четвртина, поведувајќи со 70-55, но и тоа не беше крај на возбудувањата.

Будуќност успеа да се врати, но „црвено-белите“ не дозволија пресврт и со поените од линијата за слободни фрлања на Џордан Лојд ставија печат на победата, изразена со конечни 82-78.

Добриќ и Лојд со по 23 поени беа најефикасни во редовите на Црвена Звезда, додека кај Будуќност прв стрелец при денешниот пораз беше центарот Вили Рид со 26 поени.

 

Се вчитува...