АБА ќе се игра во два града, но што е со МЗТ Скопје и со Работнички?

МЗТ Скопје и Работнички многу лесно би можеле да останат без настап во регионот откако се погласни се најавите за откажување на сезоната во АБА2-лигата. Челниците на АБА се во потрага на начин за одржување на сезоната, но приоритет е ставен на АБА1-лигата, која дава директен учесник во Евролигата, но и има богат спонзорски договор за ТВ-правата во регионот.

Челниците на клубовите се во потрага по решение за старт на сезоната, а последна опција е сезоната да се одигра во пократок период во само два града.

„Основна работа за која сите се залагаме е да нема одлагање на почетокот на сезоната. Разгледуваме идеја сите клубови да бидат во еден ист град. Според тоа, можно е првите шест кола да се играат во Лакташи, а следните шест во Подгорица“, откри првиот човек на Будуќност, Драган Бокан.

Тешко е за верување дека ваквата идеја ќе биде прифатена од српските гиганти Партизан и Црвена Звезда, но самото размислување на АБА-лигашите е јасен знак за загриженост од честите патувања на екипите по просторите на поранешна Југославија.

Во една таква ситуација, неизвесно е дали воопшто ќе стартува втората лига на АБА, која за првпат треба да има два претставници од Македонија, вечните ривали МЗТ Скопје и Работнички. Стартот на АБА2-лигата веќе еднаш беше одложен, сега почетокот на натпреварувањето е предвидено за 1 октомври, но без дефинитивен одговор дали ова натпреварување сигурно ќе се одржи. Како проблем се потенцираат и честите тестирањата на Covid-19 пред секој натпревар, што би паднало на товар на клубовите, кои ионака имаат сериозни финансиски проблеми поради кризата со коронавирусот.

Се вчитува...