АБА-лигашите се враќаат на домашната сцена за комплетирање на 11. коло

Единаесеттото коло од Првата кошаркарска лига ќе биде комплетирано денеска со натпреварите помеѓу ТФТ и Пелситер, односно МЗТ Скопје и Академија ФМП по враќањето на македонските претставници од балонот на АБА2 лигата во Сараево.

Првиот од нив во кој лидерот на табелата ќе се обиде да ги искористи повредите на ТФТ за по првиот дел од сезоната да остане непоразен ќе започне на „Кале“ од 18 часот. Битолчани на овој меч влегуваат по лошиот турнир во главниот град на Босна и Херцеговина каде претрпеа три порази, меѓутоа ниту „црно-белите“ не можат да се пофалат со добри настапи во претходниот период бидејќи се наоѓаат во серија од шест порази во низа.

Овој натпревар е од големо значење за ТФТ во битката за место во Купот на Македонија па ќе биде интересно да видиме дали составот од Тафталиџе како и претходната сезона ќе биде првиот тим кој ќе најде решение за играта на „зелено-белите“.

Колото ќе биде комплетирано од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје ќе ја пречека секогаш незгодната екипа на Академија ФМП. Аеродромци по одличниот турнир во Сараево на овој меч ќе бараат враќање на победите на домашното тло по поразот од Феникс 2010 во 10. коло.

На спротивната страна пак „академиците“ кои се соочија со стомачен вирус претходната недела на овој натпревар ќе целат кон продолжување на серијата победи во домашното првенство која брои три во низа над Ангели, Гостивар и ТФТ.

Натпреварите помеѓу составите од Аеродром и Кисела Вода претходната сезона ни донесоа големи возбудувања. Во регуларниот дел Академија ФМП успеа да го одбрани домашниот терен со одлична игра во второто полувреме, но аеродромци се реваншираа за поразот со убедлив триумф во „Јане Сандански“. Дали и овој пат Александар Петровиќ ќе го најде решението за актуелниот шампион останува да видиме.

Се вчитува...