АБА-лигата ќе се игра – денеска се решава за судбината на МЗТ Скопје

Главните проблеми се надминати, а АБА-лигата дефинитивно нема да се распадне. Ова е заклучокот од вчерашниот повеќечасовен состанок, на кој клубовите конечно си подадоа рака и дадоа зелено светло за старт на новата сезона. За сите детали се очекува да биде дискутирно на денешното продолжение на Собранието на АБА, на кое ќе се усвојат сите документи и ќе се именуваат предводниците на лигата за сезоната што претстои.

„На седницата на Собранието на АБА почнато на 25 септември, присутните членови беа со цврст и едногласен став дека апсолутен приоритет е сезоната да стартува со однапред утврдениот календар и распоред. Затоа, постигнат е договор седницата да продолжи на 25 септември за да се усвојат потребните акти и документи и да се именуваат лицата за функциите кои се неопходни за нормално одвивање на АБА“, се вели во соопштението на АБА-лигата.

Календарот за натпреварување е веќе утврден, но дел од клубовите сериозно размислуваат за „бабл“ како опција за играње во период на Covid-19. Она што е најважно, на денешниот состанок и дефинитивно ќе биде донесена одлука дали Приморска ќе го задржи местото во АБА1, или тоа ќе му припадне на МЗТ Скопје. Словенечкиот тим најави дека обезбедил спонзор, но оттогаш си заминаа уште неколку кошаркари, на првичната пријавна листа повеќе од половина од ростерот беа младинци, поради што раководството на лигата побара банкарска гаранција за да се заштити од предвремен распад на Приморска.

МЗТ во неколку наврати потврди дека е подготвен за камбек во елитното друштво, па „металците“ се уште се надеваат на пресврт во последен момент и промоција во АБА1. Доколку тоа не се случи, „сино-белите“ ќе останат дел од втората лига на регионалното натпреварување, каде друштво од сезонава ќе им прави и вечниот ривал Работнички.

Се вчитува...