АБА: МЗТ има и дополнителен мотив за победа против Морнар

АБА натпреварите за МЗТ Скопје продолжуваат денеска од 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде аеродромци го пречекуваат Морнар. По серијата на тешки натпревари против претендентите за титула, четата на Петровиќ влегува во делот од сезоната во кој мора да го брани домашниот терен за опстанок во елитното првенство, а таков и дуелот денеска.

Црногорскиот тим во нашиот главен град гостува по серија од пет порази во низа од кои три во регионалното првенство и два на домашната сцена, но предводникот на аеродомци апелира на претпазливост против добро пополнетата екипа.

„Против себе имаме тим кој одлично ја отвори сезоната, но кој влезе во резултатска криза поради што во Скопје ќе бара враќање на победите. Главните играчи им се бековите Расел и Михаиловиќ, но одлично се пополнети и на останатите позиции. Морнар е предводен од одличен тренер кој сигурно ќе се обиде да смисли начин како неговата екипа повторно да почне да победува, но наше е да ги спречиме во тоа. Очекувам добар меч во кој треба да покажеме агресивност во одбраната и во нападот да одиграме на ниво како против Студентски Центар. Ако го сториме тоа и ако имаме најмлаку иста поддршка од трибините, тогаш верувам дека ќе дојдеме до целта, а тоа е значаен тирумф“, вели Петровиќ.

Покрај заштитата на домашниот терен и втората победа во првенството, МЗТ Скопје има и дополнителен мотив за запишување на првата победа против Морнар во АБА. Досега овие тимови силите си ги одмерија четири пати, а составот од Бар славеше на сите четири.

На последниот дуел одигран во Скопје, Црногорците успеаја заостатокот од 14 поени во последната четвртина да го претворат во победа со тројка на 15 секунди до крајот на средбата.

Но, тогаш Морнар можеше да смета на Страхиња Миќовиќ, а сега Србинот сега ќе треба да биде лидер на МЗТ Скопје.

„Зад нас е серија на тешки натпревари против најголемите фаворити во лигата во кои за жал не успеавме да изненадиме, но добро е што победивме против Студентски Центар со што покажавме дека можеме адекватно да се носиме со ова натпреварување. Токму тој дуел треба да ни биде патоказ како да одиграме и против Морнар. Очекувам одлична енергија како на таа средба и мислам дека тоа е клучот за евентуалниот успех. Добро го познавам противникот, знам како размислува нивниот тренер и како инсистира на брза игра со многу шутеви за тројка. Ако ги сопреме нивните бекови тогаш ќе бидеме многу поблиску до триумфот“, вели Миќовиќ.

Се вчитува...