МЗТ Скопје ќе се врати во елитното друштво на АБА-лигата откако раководството на регионалното натпреварување донело одлука да му даде шанса на македонскиот првак, кој ќе го заземе местото на Приморска. Словенечкиот тим неодамна најави дека ќе најде излез од кризата и дека очекува да остане во АБА1, но челниците на лигата не планираат да чекаат цело лето да видат дали Приморска ќе најде околу два милиони евра за покривање на дупката во буџетот.
Ставот на АБА е јасен – Приморска не доби лиценца за натпреварување во словенечкото елитно друштво и ќе биде преселена во четвртата лига. Иако Словенците им дадоа продолжен рок за жалба, АБА нема да го стори истото и ќе се повика на членот од Статутот дека во лигата може да учествува само клуб кој е дел од елитното друштво во својата држава. Со самото тоа Приморска испаѓа од конкуренција, а МЗТ Скопје по две години во АБА2 се враќа назад во елитното регионално натпреварување.
Црногорските медиуми пишуваат дека одлуката е конечна и нема да биде променета, а за официјализација се чека само на Собранието на АБА, на кое ќе се разрешат сите дилеми и околу АБА2 лигата.
Се очекува втората лига да биде проширена од 12 на 14 клубови, откако неколку екипи потврдиле дека се подготвени да платат 50.000 евра за вајлд-карта во ова натпреварување. За Македонија нема дилема, Работнички ќе биде единствен претставник на нашата држава, а „центарци“ за ривали ќе имаат осум клубови кои се здобија за право за настап преку домашните лиги: Сутјеска и Ловќен (Црна Гора), Слобода Ужице и Златибор (Србија), Спарс и Широки Бријег (БиХ), Горица (Хрватска), Хелиос (Словенија), плус уште пет екипи со вајлд-карти: Подгорица и Студентски центар (ЦРна Гора), Слобода Тузла и Борац Бања Лука (БиХ) и Младост Земун (Србија).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА