АБА: Цедевита со празни раце, Морнар го зеде последниот билет за полуфинале

Со денешните последни две средби и официјално беше заокружен лигашкиот дел од АБА регионалната лига во кошарка, која сезонава донесе големи натпреварувања. По Партизан, во полуфиналето ќе нема место ниту за амбициозниот состав на Цедевита, кој на крајот го освои само петтото место откако Морнар славеше на гостински терен против Игокеа и се искачи на четвртата позиција, обезбедувајќи си полуфинална пресметка со  Будуќност.

Игокеа предводена од новиот македонски селектор Бајиќ веќе имаше обезбедно место во полуфиналето (каде ќе игра со Црвена Звезда), па во меч без преголема мотивација загуби на домашен терен од Морнар со 79-88. За црногорскиот состав овој меч беше „да се биде или не“, гостинските кошаркари повеќе ја посакуваа победата и на крајот заслужено се радуваа на триумф. Нидам со 18 поени ги предводеше стрелците кај Морнар, додека Јовановиќ со 20 поени беше најефикасен во таборот на Игокеа.

Цедевита со многу проблеми ја совлада Мега во последниот меч (85-79), што сепак се покажа недоволно за да се стигне до место во полуфиналето. Српскиот тим допатува ослабен во Љубљана, без главниот играч Петрушев, но и со таков состав одигра извонредна прва четвртина поведувајќи со 19-30. Цедевита собра сили за пресврт и победа, што сепак беше со горчлив вкус поради загубената трка за полуфинале.

Од АБА1 испаѓа Приморска, тим што поради финансиски проблеми воопшто не го заврши натпреварувањето, додека Сплит ќе игра бараж со второпласираната екипа од АБА2.

Се вчитува...