АБА: Црвена Звезда е во финалето, Игокеа се посрамоти во последната четвртина

Црвена Звезда е тимот што ќе му се спротивстави на Будуќност во големото финале на АБА-лигата откако „црвено-белите“ ја добија вечерашната мајсторка против Игокеа со убедливи 76-53. „Црвено-белите“ имаа „плус осумнаесет“ во втората четвртина, Игокеа се приближи на четири поени разлика, но избраниците на новиот македонски селектор Бајиќ немаа сили за целосен пресврт откако идентично како и на првиот натпревар, целосно потфрлија во нападот во последната четвртина и на крајот претрпеа убедлив пораз.

Мечот почна извонредно за актуелниот АБА-првак, кој одигра одлично во одбраната, во нападот го имаше рапсоложениот Ноко и ја заврши првата четвртина со предност од 24-12. Избраниците на Радоњиќ фуриозно го почнаа и вториот период, но Игокеа успеа да влезе во ритам благодарение на Американецот Клемонс, по што на одмор се замина со резултат 48-35. Почетокот на третата четвртина донесе фуриозна игра на гостинскиот состав, кој доминираше на двата дела од теренот. Добриќ постигна две тројки за привремено да го запре налетот на Игокеа, која се приближи до четири поени разлика. Сепак, во клучните моменти проработе цврстата одбрана на „црвено-белите“ (Игокеа постигна само два поени во последната четвртина), во нападот серија шутеви погоди Давидовац, за убедлива победа и заслужен пласман на Црвена Звезда во големото финале.

Дејан Давидовац беше херој на „црвено-белите“ со 22 постигнати поени, 15 постигна Американецот Џордан Лојд, додека кај Игокеа најефикасен беше Клемонс со 15 поени зад своето име.

Финалната серија меѓу Црвена Звезда и Будуќност (трета сезона по ред овие ривали се среќаваат во финалето) ќе стартува в недела во Белград.

 

Се вчитува...