АБА2: МЗТ се „сопна“ во Цетиње

Актуелниот кошаркарски шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром загуби на гостувањето кај Ловчен со 73-69 во 12. коло од АБА2 лигата. Домашните подобро се снајдоа во натпревар во кој доминираа одбраните и на крајот стигнаа до заслужена победа.

Кошаркарите на МЗТ одлично го отворија натпреварто. Имаа предност од 0-9. Сепак, домаќините успеаја да ги консолидираат редовите и со одлична игра во нападот по десет минути имаа предност од плус седум (27-20). Втората четвртина беше тотална спротивност од првата. Избраниците на Кочов заиграа неверојатно во одбраната, дозволувајќи му на противнокот само 11 поени, а на полувреме заминаа со само минус три (38-35).

Одличната игра во фазата на одбрана продолжи и во третиот период во кој повторно „металците“ го задржаа противникот на мал број поени (14) и по првата четвртина повторно успеаја да стигнат до предност од (52-54). Клучна беше последната четвртина во која Ловчен подобро се снајде во клучните моменти и успеа да стигне до конечен триумф од 73-69.

Милутин Ѓукановиќ со 23 поени беше прво име во победничкиот табор, додека Врбица постигна 12, а Хаџибеговиќ 11 поени. Кај „металците“ капитенот Дамјан Стојановски мечот го заврши со 20 поени, додека Херис и Хиндс уфрлија по 12.

Се вчитува...