АБА2 објави: Три „балони“, па плејоф со најдобрите осум екипи

Предолго траеше молкот на раководството на АБА-лигата околу системот на натпреварување на АБА2, лига во која од сезонава Македонија за првпат ќе има два претставници, МЗТ Скопје и Работнички. Од претходно беше најавено дека на почетокот од месец ноември ќе биде одржан првиот „балон-турнир“ со кој ќе биде означен стартот на сезоната, информација што официјално беше потврдена денеска на веб-страницата на АБА2.

Воедно, челниците на лигата обелоденија дека ќе бидат одржани три турнири во кои сите екипи ќе одиграат само еднаш едни против други. По завршувањето на трите „балони“, најдобрите осум тимови ќе разигруваат во плејоф во битка за трофејот, а оние останатите ќе играат плејаут за опстанок во АБА2.

Засега е познато само дека првиот турнир ќе се одржи од 9 до 18 ноември на Златибор, а дополнително ќе бидат одредени домаќините на преостанатите два „балони“. Работнички за противник во првото коло на 9 ноември ќе го има тимот на Студентски Центар од Црна Гора, а еден ден подоцна МЗТ ќе ја почне својата нова регионална авантура со пресметка против Подгорица.

Се вчитува...