АБА2: Пелистер со пораз од Подгорица го завршува „балонот“ во Бања Лука

Пелистер го забележа и осмиот пораз во АБА2 лигата откако во последниот натпревар од „балонот“ во Бања Лука загуби со 79-67 од Младост. Црногорскиот состав одлично го отвори натпреварот и стигна до двоцифрена предност уште во првите пет минути па „зелено-белите“ беа оние кои постојано бркаа негатива која не успеаја да ја претворат во предност.

Пелистер потфрли на отварањето на натпреварот кој го одбележа со шест изгубени топки и пропусти во одбраната кои Подгорица знаеше да ги искористи па поведе со 13-2 по речиси пет минути игра. Сепак лошата претстава на „зелено-белите“ не траеше долго, избраниците на Илиевски успеаја да ги консолидираат своите редови, а преку добрата игра на Младеновски влегоа во серија со која ја преполовија негативата по првата четвртина (22-17). Битолчани успеаја да се вратат и до негатива од еден напад, но брзо го исполнија бонусот, а тоа го искористија Црногорците кои преку линијата за слободни фрлања повторно стигнаа до висока предност (35-26). Сепак до крајот на првото полувреме Пелистер успеа да одигра на ниво во одбрната, Подгорица постигна само три поени за пет минути па „зелено-белите“ мораа да бидат задоволни со негатива од 38-33 по 20. минути игра.

Изедначениот натпревар во кој акцентот беше ставен на одбраната продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое Пелистер постојано бракаше негатива, а „зелено-белите“ имаа за што да жалат бидејќи имаа шанса за превземање на водството (49-48), не успеаја во своите обиди. Проблем за Илиевски беа и четврттите лични грешки на Кесар и Стајиќ кои ги искористи Подгорица за агресивна одбрана на бековската линија која ја сочинуваа Младеновиќ и Николиќ, како и играта под обрачот за задржување на предноста пред последната четвртина (59-52). Во неа Младеновски и Кесар ги заработија петтите лични грешки па го проследија крајот на натпреварот од клупата, а црногорскиот состав кој умешно ја користеше ситуацијата одигра стабилно во нападот па стигна до високо водство и не дозволи враќање на Пелситер.

Никола Малешевиќ беше лидер на Пелистер со 17 поени и 6 скока, додека него го следеше Николиќ со 11 поени и 3 асистенции. Лидер на гостите беше Ковачевиќ со 18 поени.

Се вчитува...