АБА2: Плејофот е само сон за Работнички, МЗТ Скопје „виси“ во гужвата

Со денешниот натпревар помеѓу Слобода Ужице и Подгорица беше комплетирано 11. коло од регионалното првенство, а победата на составот од главниот град на Црна Гора со 63-51, значи и дефинитивен крај на надежите на Работнички за пласман во плејофот од натпреварувањето. Центарци се наоѓаат 13. позиција на табелата со скор од 3-8, три победи зад осмопласираниот Златибор на два меча пред крајот на регуларниот дел од првенството.

Но и покрај тоа преостанатите два натпревара против Хелиос и Слобода остануваат од големо значење за избраниците на Мираковски. Според системот на натпреварување, тимовите кои регуларниот дел од првенството ќе го завршат на деветтата и десеттата позиција на табелата ќе го избегнат плејаутот, нешто што ќе биде од големо значење за „црвено-белите“ со оглед на кратката клупа и деветте заостанти натпревари во домашното првенство. Во моментот на „посакуваните“ позиции се наоѓаат Широки и Сутјеска со пет, односно четири победи.

За разлика од Работнички, МЗТ Скопје е на чекор до изборување на плејоф, но во гужвата на средината на табелата сигурни не се ниту аеродромци. Моменталната состојба на табелата вели дека тимовите од четвртото до осмото место имаат учинок од четири победи и шест порази, а во тој дел спаѓа и нашиот актуелен шампион. Покрај овој проблем, „сино-белите“ мораат да размислуваат и за избегнување на плејоф средба со лидерот Студентски Центар до финалето, а во тој случај најдобра опција е втората позиција која се чини недостижна.

На ова место на табелата се наоѓаат Спарс и Борац Бања Лука со по осум победи, па потребно е чудо за МЗТ Скопје да се најде зад лидерот на табелата. Во тој однос поповолни се третата, четвртата или седмата позиција, но избраниците на Радуловиќ прво треба да мислат за враќање на победите и осигурање на плејоф карта. Во последните два меча, „сино-белите“ ќе се сретнат со Слобода Ужице и домаќинот Златибор.

Се вчитува...