АБА2: Работнички ја покажа својата моќ и остана во игра за „плеј-оф карта“

По поразот од МЗТ Скопје во првото македонско дерби во АБА2, Работнички ја забележа третата победа во првенството откако славеше над Сутјеска со 84-62. Избраниците на Мираковски денеска го прикажаа своето вистинско лице на мечот против црногорскиот преставник каде одиграа одлично на двата дела од паркетот со што останаа во игра за место во плејофот на регионалното натпреварување.

По грчот на отварањето на средбата, Работнички ја превзема иницијативата преку агресивната одбрана која ги натера кошаркарите на Сутјеска на изгубени топки. Избраниците на Мираковски во првата четвртина ги служеше и шутот за три поени па поведоа со 26-16. Добриот моментум на „црвено-белите“ продолжи и до крајот на првото полувреме во која благодарение на шутот за три поени беше анулиран малиот пад во играта на средината на втората четвртина, па на полувремето резултатот изнесуваше 42-30.

Работнички продолжи со одличната игра и во продолжението од натпреварот, а сите дилеми за победникот ги реши веќе во третата четвртина во која одлично функционираше одбраната. Продолжи и течниот напад на „црвено-белите“ па по 30, минути игра на семафорот стоеше предност од +19 (63-44). Избраниците на Мираковски до крајот на средбата одиграа рутински при што не дозволија кошаркарите на Сутјеска да се надеваат на враќање во средбата. На крајот на средбата шанса доби и младиот Бошалевски кој ги забележа и првите поени за „црвено-белиот“ состав.

Со 18 поени и 4 скока Филип Бундовиќ беше првото име кај македонскиот состав, а него го следеа Мирко Мулалиќ со 17 поени и 4 скока, додека 11 поени и 9 асистенции забележа Дамиер Питс.

Се вчитува...