Абрамович наградува: Прво нов договор за Конте, а потоа исполнување желби

Челси го загуби финалето во ФА Купот на Англија од Арсенал, но тоа нема премногу да го смени милењето на сопственикот Роман Абрамович дека неговиот клуб имаше одлична сезона. Напротив,  тој е подготвен по секоја цена да го тргне менаџерот Антонио Конте од рацете на Интер, така што ќе го врзе на дополнителни четири години, а потоа ќе му ја исполни и најголемата желба за следната сезона, а тоа е Леонардо Бонучи. Италијанецот од редовите на Јувентус е главна цел на Конте, познато е дека неколку пати се обиде да го наговори Бонучи да потпише за клубот од Лондон, но сега рускиот газда е подготвен да издвои 8 милиони евра годишно како плата за неговите услуги.

За понудата да биде уште попримамлива, Јувентус за возврат треба да добие 60 милиони евра како отштета за 30-годишниот стопер. Што се однесува до клубот од Торино, тие би го жртвувале Бонучи за сумата која ретко се одбива, но дефанзивецот е тој што не сака да замине, и покрај гласините дека претходно имал многу несогласувања со тренерот Масимилијано Алегри. Ако Бонучи одлучи да замине, Челси нема да има лесна работа околу ангажманот, бидејќи Гвардиола и Сити ја чекаат својата шанса, како и Реал Мадрид.

Бонучи минатиот викенд го освои шестото ’скудето’ во низа со Јувентус, а успеа по вторпат да го одбрани и италијанскиот Куп. На 3. јуни ќе има можност да ја комплетира тројната круна, доколку неговиот Јуве го совлада бранителот на титулата, Реал Мадрид.

Се вчитува...