Абрамович решил: Тухел го менува Конте во Челси?

Победата над Тотенхем во градското дерби воопшто не ги намали тензиите во таборот на Челси, од каде стигнуваат информации дека во блиска иднина би можел да му биде врачен отказ на Антонио Конте.

Постојаниот конфликт на италијанскиот стручњак со директорите на клубот му дошол преку глава на газдата Роман Абрамович, кој веќе дал налог да се разговара со други врвни стратези. Како што јавува германскиот весник „Билд“, англискиот првак преку директорката Марина Грановскаја веќе стапил во контакт со Томас Тухел, кој е еден од најсериозните кандидати за наследник на Конте на „Стемфорд бриџ“. Тухел е без ангажман откако летово беше отпуштен од Борусија Дортмунд, преселбата во Арсенал не се оствари откако Венгер потпиша нов договор, но лесно може да се случи германскиот стручњак сепак сезонава да води тим во Премиер-лигата.

Конте оствари фантастичен успех со освојувањето на шампионската титула минатата сезона, но незадоволството од активностите на управата при продажба и купување на фудбалери придонесе тој да има сериозен конфликт со водечките луѓе во клубот. Шпекулациите велат дека Конте бил близу до отказ поради начинот на кој го известил Коста дека веќе не му е потребен (со СМС-порака), со што не само што го нарушил имиџот на клубот, туку и нанесе финансиска штета поради уривањето на цената на голгетерот. Абрамович тогаш му изразил поддршка на италијанскиот стручњак, но постојаните конфликти со директорите, па дури и дел од фудбалерите и вработените во клубот многу лесно можат да му донесат на Конте отказ веќе во следните триесетина дена.

Се вчитува...