Адеми и Динамо Загреб на пенали го елиминираа Клуж, Селтик елиминиран од ЛШ

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми и Динамо Загреб се пласираа во следната рунда од квалификациите во ЛШ откако на пенали го елиминираа романскиот тим Клуж со 7-6. Во регуларниот тек мечот заврши 2-2. Хрватскиот првак беше на прагот на победа, но Клуж успеа да израмни во 90.минута со голот на Габриел Дебељух. Динамо Загреб од 51.минута играше со играч помалку поради исклучувањето на Кевин Теофил-Катерин, но на крајот оди понатаму по подобро изведување пенали.

Крсте Велкоски и Сараево се елиминирани од Динамо Брест. Босанскиот тим загуби на гости со 2-1, а Крсте Велкоски остана на клупата за резервни фудбалери. Гостите од Сараево имаа многу поплаки на судењето во Брест за кое тврдат дека имало влијание на конечниот резултат.

Селтик доживеа непријатна елиминација од Ференцварош откако загуби на „Селтик Парк“ во Глазгов со 1-2. Шкотскиот тим продолжува во квалификациите за Лигата на Европа, исто како и Легија Варшава која по продолженија загуби дома со 0-2 од Омонија. Јанг Бојс немаше проблеми против Клаксвик и славеше со 3-1, а Лудогорец доживеа елиминација дома (0-1) од Митјиланд. Со истиот резултат и Локомотива Загреб загуби од Рапид Виена.

Се вчитува...