Аријан Адеми и Стефан Спировски ќе се сретнат во следното квалификациско коло за влез во Лигата на шампионите, откако Динамо Загреб и Ференцварош излегоа како победници од пресметките против Сабуртало, односно Ла Валета.
Адеми беше капитен на Динамо на денешниот реванш во Загреб, на кој „модрите“ славеа со 3-0 над Сабуртало. Со тоа хрватскиот првак стави печат на пласманот во следната фаза, откако триумфираше и на првиот меч на гостински терен со 0-2. Оршиќ беше стрелец на водечкиот гол за Динамо во второто полувреме на вечерашниот дуел на „Максимир“, а конечните 3-0 во самиот финиш ги поставија Петковиќ и Олмо.
Ференцварош ремизираше 1-1 на гостувањето на Малта против Ла Валета, но унгарскиот првак се пласираше во следната рунда поради победата на домашен терен од 3-1 од пред седум дена. Спировски поради повреда не настапи на овој натпревар.
Својот настап во квалификациите за ЛШ неочекувано рано го заврши ПСВ Ајндховен, кој беше елиминиран од Базел. По минималната победа од 3-2 во Холандија, фудбалерите на ПСВ вечерва во Швајцарија загубија со 2-1, по што беа елиминирани поради помалку постигнати голови на гостински терен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА